Пандемијата КОВИД-19 ги промени животите и навиките на сите нас, влијаејќи на сите сегменти во општеството. Оваа година беше различна од сите претходни и во однос на филантропијата и донациите. Според нашите истражувања за филантропија, најголем број донации беа наменети за борба против негативните ефекти од пандемијата.

Секако, беа организирани многу иницијативи и за други причини, и ние се обидовме да ви понудиме редовни неделни извештаи за добрите дела и донациите наменети за поддршка на заедниците во целиот регион.

Приближувајќи се кон крајот на 2020 година, ви претставуваме приказни за 10 добри дела што ја одбележаа оваа година, секоја на свој специфичен начин.

Се надеваме дека некои од овие приказни ќе ве инспирираат да ја заокружите оваа година со добро дело и да ја поддржите вашата заедница на повеќе начини во претстојната година.

Обезбедување итна помош за Нови Пазар, Тутин и Сјеница

Како и во многу претходни кризни ситуации, пандемијата на коронавирусот покажа дека реагираме на кризите со солидарност и единство, обезбедувајќи поддршка онаму каде што е од витално значење.

Еден од најдобрите примери за тоа е кампањата за обезбедување помош на Сјеница, Нови Пазар и Тутин, која беше започната на Donacije.rs кога овие три града станаа жариштe на КОВИД-19.

Кога ситуацијата ескалираше во овие три града, започна кампања за обезбедување итна помош, при што 462 донатори придонесоа со 2,5 милиони српски динари за нешто повеќе од две недели. Првите 1,5 милиони српски динари беа собрани за само два дена.

Поради поддршка на бројни граѓани, компании, организации, како и Група 484 и Норвешката амбасада, беше купена потребната медицинска и заштитна опрема, што им овозможи на медицинските професионалци и пациентите поефикасно да се борат против КОВИД-19 кога им е најпотребно.

Значителна поддршка од заедницата за Кафе Бар 16 во кој се вработени деца и млади од Детското прифатилиште во Белград

Специјалното кафуле наречено Кафе Бар 16 постои во Белград веќе скоро три години и во него работат над 40 млади луѓе кои живеат во екстремна сиромаштија, нудејќи им прибежиште и место за учење и забава.

Центарот за младинска интеграција го основаше Кафе бар 16 за децата што ќе треба да го напуштат прифатилиштето кога ќе наполнат 16 години да не останат сами.

Веќе 16 години, Детското прифатилиште работи со деца на возраст од 5 до 15 години кои живеат и работат на улица. Овие деца претежно живеат во екстремна сиромаштија, во колиби во Белград.

Пандемијата на коронавирусот го запре светот и сите ги почувствувавме последиците. Сепак, пандемијата особено ги погоди ранливи групи, вклучително и децата кои живеат и работат на улица.

Од друга страна, како бизнис за угостителство, Кафе Бар 16 беше меѓу првите што ги почувствува економските ефекти од мерките воведени за заштита на здравјето на населението. Стана скоро неодржливо кафулето да го финансира своето работење од приход, како што тоа го правеше пред пандемијата.

За да можат да продолжат да работат во следните месеци, тие организираа кампања за собирање средства на платформата Donacije.rs.

Кампањата првично беше започната со цел да се соберат 600,000 српски динари, но наскоро достигна повисока цел - 1 милион српски динари, која исто така беше надмината за нешто повеќе од 2 недели.

Проектот беше поддржан и од Групата 484 и Норвешката амбасада, а вкупната сума на донации изнесуваше 1.349.610 српски динари.

Покрај привлекувањето донации, оваа кампања инспирираше огромна вклученост на заедницата, која пружи поддршка со споделување информации и повици за помош. Голем број граѓани и познати личности во Србија ги споделија информациите и поканите да донираат преку нивните социјални медиуми, додека медиумите исто така обезбедија поддршка преку известување за кампањата и нејзиниот успех.

Придонесот на Српскиот форум за филантропија и Фондот Б92 во борбата против КОВИД-19

Од почетокот на кризата до крајот на ноември 2020-та година, донирани се над 20 милиони евра за борба против КОВИД-19 во Србија. Корпоративниот сектор беше најголемиот донатор, додека најголемиот број донации беа насочени кон локалните и националните влади и институции.

Соработката помеѓу граѓанскиот и корпоративниот сектор, исто така, резултираше со значителен придонес, при што Фондот Б92 и Форумот за филантропија на Србија играа важна улога.

Како резултат на ангажманот на членовите на Српскиот фолантрописки форум и целата филантропска заедница, а во соработка со Фондот Б92, собрани се околу 190 милиони српски динари во форма на готовина, додека над 10 милиони српски динари беа донирани во вид на стока. Сето тоа имаше за цел да обезбеди поддршка на здравствениот систем на Република Србија.

Членовите на СПФ работеа на наоѓање дистрибутери, складишта и компании за испорака кои беа во можност итно да ја испорачаат стоката. На овој начин, во соработка со Нордеус и УНИЦЕФ, беше креирана постојана табела за потреби и рокови за испорака, каде што податоците се ажурираат на дневна основа.

Некои од примерите за донации за поддршка на здравствениот систем се следниве: Фондација Хемофарм - 5.000.000 српски динари; Хемофарм Стада – 387.000 евра; Делхајзе - 6.000.000 српски динари; УниКредит банка – 50.000 евра; Група Еликсир – 30.000.000 евра; Нордеус – 60.000 евра и 3.391.200 српски динари, индивидуално и преку нивна иницијатива со членовите на Дигитална Србија; Телеком Србија – 20.000.000 српски динари и Марбо Продукт како дел од PepsiCo Group – 11.000000 српски динари.

Клучни беа и донациите во стоки, пред сè хигиенските производи кои ги обезбедуваше Унилевер Белград, редовните оброци за медицинскиот персонал и пациентите, кои беа донирани од Мекдоналдс и храната и пијалоците донирани од МОЛ, Кока Кола, Марбо Продукт, МДС и Марс. Вкупната вредност на овие донации беше над 10 милиони српски динари.

Поединци кои донираат за детски медицински третмани

Иако мнозинството донации беше наменето за борба против негативните ефекти на КОВИД-19, не изостана ниту поддршката за други причини. Една од најподдржаните теми беше здравствената заштита, каде што, според нашето истражување, повеќе од 10 милиони евра беа донирани во фондацијата „Буди хуман“ за медицински третмани на луѓе кои имаат потреба од скапа медицинска нега во странство.

Она што привлече големо внимание беа придонесите на поединци, кои обезбедуваа донации за медицински третмани на деца на различни начини.

Прекрасен пример дадоа Милош Мијаиловиќ и Билјана Драгичевиќ, кои ја донираа својата куќа од 90 м2 во центарот на Рудник за добротворна аукција организирана за собирање средства за лекување на Аника Маниќ.

Куќата е продадена за 8.000 долари на Спасоје Цвиетиновиќ, кој живее и работи во САД. Тој исто така купи скутер што Иво Кар и неговото семејство го дадоа на аукција за да соберат пари за Аника. Поточно, тој плати за скутерот, но не го зеде, оставајќи му на семејството да го направи овој хуманитарен гест.

Сличен гест направи и Радослав Марјановиќ од Умчари продавајќи куќа што ја наследил и донирајќи ги добиените 10.000 евра за лекување на Миња Матиќ, која страда од атрофија на мускулите на 'рбетниот столб.

„Буди хуман – хуманитарни аукции“ е група основана минатата година, каде што граѓаните собираат пари за деца и возрасни чии средства за лекување се собираат преку фондацијата „Буди хуман“.

DM drogerie markt собира 3 милиони српски динари за народни кујни преку кампањата #GivingFriday

Втора година по ред, DM drogerie markt ја организираше својата кампања #GivingFriday, наместо традиционалната продажба на Black Friday.

Како дел од оваа кампања, компанијата донира 5% од своите приходи од Black Friday во добротворни цели. За годинашниот #GivingFriday, на 27-ми ноември, DM собра вкупно 3 милиони српски динари за народни кујни на Црвениот крст во Србија.

Dm drogerie markt организира #GivingFriday на глобално ниво под слоганот „Giving is the new blаck“.

Во минатогодишната иницијатива #GivingFriday во Србија, беа собрани 3 милиони српски динари за обнова на Универзитетската детска болница Тирчова.

Хајриз Брчвак: добри дела што ги поддржуваат Црна Гора и Санџак

Една од извонредните индивидуи широко позната по својата филантропска работа во Црна Гора е Хајриз Брчвак, кој со години ја поддржува црногорската заедница на различни начини. За неговиот придонес, тој ја доби наградата за филантропија „Искра“ во 2019-та година, доделена од Фондот за активно граѓанство. Неговата поддршка не изостана ниту оваа година, како во однос на донациите за справување со ефектите од пандемијата КОВИД-19, така и во иницијативите за други причини.

Во 202-та година, Брчвак ја поддржа својата заедница преку бројни донации, од кои некои го вклучуваат следново: 100.000 евра на Националното координативно тело за заразни болести за поддршка на борбата против коронавирусот; донација од 60.000 ракавици, 15.000 маски и 2000 штитници за болници и здравствени домови низ Црна Гора; 100 заштитни одела за Здравствен дом Бар; тунели за дезинфекција за црногорските болници; 750.000 маски за граѓани и 140.000 маски за деца во училиште во Црна Гора.

Вкупната вредност на донациите на Брчвак во пари и стоки изнесува повеќе од половина милион евра. За да ја покажат својата благодарност, ова лето, луѓето од Бар инсталираа билборд со неговото име, нарекувајќи го „симболот на добрина во Црна Гора“.

Покрај неговите донации во Црна Гора, Брчвак испрати донации и за Санџак во Србија. Во време на најтешката здравствена криза во тој регион, тој донираше пари, опрема и материјали за Нови Пазар, Тутин, Сјеница и Пријепоље.

Прекугранична солидарност: поддршка на Албанците погодени од земјотресот

Кон крајот на 2019-та година, Албанија беше погодена од разорен земјотрес, а луѓето погодени од него продолжија да добиваат поддршка во текот на следните месеци, односно првите месеци од 2020-та година.

Вкупната вредност на донациите обезбедени од граѓани, компании, меѓународни организации и влади од различни земји беше 1.988.854.600 евра. Значителна сума беше собрана на фандрејзинг настан што се одржа во Брисел во февруари 2020-та година, каде најголеми донатори беа бројни странски влади кои заедно донираа вкупно 1.336.536.000 евра.

Итна поддршка за најпогодените од земјотресот во Загреб

По разорниот земјотрес што го погоди Загреб во март, многу компании, организации и поединци организираа поддршка за луѓето кои беа најпогодени од земјотресот.

Една од иницијативите вклучуваше Фонд 5.5, кој беше основан од граѓанска иницијатива „Загреб за помош на земјотресот“ и Здружението СОЛИДАРНА.

Главната цел на Фондот беше да обезбеди итна финансиска помош на социјално ранливите групи на граѓани кои беа особено погодени од земјотресот во Загреб.

Преку јавен повик за аплицирање, беше доделена помош на 48 социјално ранливи домаќинства, во вкупен износ од 706.400 куни, додека просечниот индивидуален грант по домаќинство беше 14.716 куни.

На овој начин, вкупно 132 лица добија поддршка, вклучувајќи 37 деца, 18 лица со попреченост и 21 лице со хронични или сериозни болести.

Донации на БХ Телеком

Оваа година, БХ Телеком обезбеди донации низ Босна и Херцеговина во вкупен износ од над 2 милиони конвертибилни марки, од кои 1 милион конвертибилни марки беа донирани во првите денови на пандемијата, каде кантонските и општите болници во Коњиќ, Зеница, Горажде, Травник и Бихаќ добија по 200 000 конвертибилни марки за набавка на потребната опрема.

Останатите 1 милион конвертибилни марки беа распределени на вкупно 164 правни лица со цел поддршка на проекти поврзани со обезбедување помош на најранливите групи, лица со попреченост и тешкотии во развојот, народни кујни, хуманитарни здруженија и образовни институции.

Многу од овие 164 правни лица кои примиле донации биле образовни институции. Вкупно 450.535 конвертибилни марки беа донирани на голем број основни и средни училишта, додека 105.200 конвертибилни марки беа донирани на универзитетите во Босна и Херцеговина, вклучувајќи го Електротехничкиот факултет во Сараево, Електротехничкиот факултет во Тузла, Факултетот за транспорт и врски во Сараево и Универзитетот во Бихаќка. Средствата беа искористени за набавка на потребната опрема за ИТ центри и лаборатории.

Понатаму, БХ Телеком обезбеди бесплатен пристап до Интернет за околу 4.000 студенти низ Босна и Херцеговина за да им овозможи да посетуваат онлајн часови. Покрај тоа, во соработка со нивните партнери, БХ Телеком им ја обезбеди потребната опрема на студентите - 320 таблети и 20 лаптопи.

Рудникот САСА обезбеди 200 таблет компјутери за студенти во Македонска Каменица

Друг пример за поддршка на образованието доаѓа од Македонија.

Бидејќи оваа учебна година беше поинаква, рудникот САСА реши да купи 200 нови таблет компјутери и да ги донира на училиштата во Македонска Каменица, така што сите ученици ќе ги имаат потребните услови за да посетуваат онлајн настава.

Поточно, 150 таблет компјутери беа донирани на ученици од ОУ „Свети Кирил и Методиј“, а 50 таблет компјутери беа донирани на гимназијата „Миле Јаневски – Џингар“.

Заклучок

Меѓу безбројните добри дела е тешко да се избере кои најмногу ја одбележаа оваа година. Ќе понудиме повеќе примери и детали за донаторите, вредноста на нивните донации и причините за кои тие донираа во нашите годишни извештаи за состојбата на филантропија на Западен Балкан во 2020-та година, кои ќе ги објавиме во 2021-ва година.

Во меѓувреме, ако сметате дека некоја значајна иницијатива не е вклучена во овие примери, пишете ни и со задоволство ќе го прошириме списокот.