Добротворните активности во Хрватска значително се зголемија во 2019-та година. Едно од клучните мерила на Годишниот извештај „Хрватска донира“ подготвен од Фондацијата Catalyst Balkans беше дека се проценува дека се донирани 20,2 милиони евра за добротворни цели, што претставува пораст од 125% во споредба со донирањето во 2018-та година.
Четирите клучни поддржани теми (здравствена заштита, намалување ба сиромаштија, поддршка за маргинализирани групи и образование) добија 82,9% од сите донации. Исто така, имаше зголемување од 10% на донаторската активност во споредба со 2018-та година, со 2.877 внесени донации.
Ова се само некои од податоците презентирани на веб-семинарот Хрватска донира 2019 што се одржа на 26-ти ноември. Учесниците на вебинарот - претставници на Фондацијата Catalyst Balkans, Фондацијата Солидарна, Фондација на заедницата Слагалица, ЦЕРАНЕО и Хрватскиот деловен совет за одржлив развој - разговараа за состојбата на филантропија во Хрватска во 2019-та година, со осврнување на донациите за време на КОВИД-19 кризата како и предвидувања за 2021-ва година.
Проф. Гојко Бежован, од Правниот факултет и Центарот за развој на непрофитни организации - ЦЕРАНЕО ги спореди донациите во Хрватска по земјотресот во Загреб и за време на кризата КОВИД-19.
Според податоците од истражувањето на Catalyst Balkans, од почетокот на кризата донирани се 15.325.490 милиони евра во добротворни цели во Хрватска. Деловниот сектор придонесе со 55,3%, додека 29,5% од вкупната сума беше донирана од физички лица. Владините и јавните институции, главно болници, беа приматели на 93,9% од донациите.
Дариа Матељак од Хрватскиот деловен совет за одржлив развој зборуваше за причините поради кои компаниите донираат за одредени теми повеќе отколку за други. Таа ја изрази својата загриженост за фактот дека многу корпорации во Хрватска донираат претежно за подобрување на нивниот корпоративен имиџ. Таа додаде дека ќе биде подобро ако тие изберат теми засновани врз нивните корпоративни вредности и истакна дека трансферот на знаење може да биде вреден облик на донирање. Покрај тоа, Матељак ја истакна важноста на транспарентноста во добротворните активности, велејќи дека и донаторите и примателите на донации треба да работат на нејзино зголемување.
Според истражувањето „Хрватска донира 2019“, забележано е значително подобрување во транспарентноста од минатата година. Во 2019-та година, 49,8% од сите донации беа означени како транспарентни, што претставува зголемување за 19,6% во споредба со 2018-та година.
Бранка Касељ од Фондацијата на заедницата Слагалица истакна дека треба да се вложи повеќе труд за воспоставување на доверба меѓу локалните граѓански организации и деловниот сектор, додека Нејтан Коешал, директор на Фондацијата Catalyst Balkans, рече дека добротворните активности во Хрватска се на добар пат .
Во случај да сте го пропуштиле вебинарот, а сакате да дознаете повеќе за состојбата на филантропијата и донирањето во Хрватска во 2019-та година и за време на кризата COVID-19, можете да погледнете на YouTube, додека целосните податоци за истражувањето може да се најдат во нашиот годишен извештај.
Вебинарот Хрватска донира 2019 беше организиран од Солидарна - Фондација за човекови права и солидарност, Фондација на заедницата Слагалица, Хрватското здружение на новинари и Фондацијата Catalyst Balkans.
Leave a comment