Проектот за Здрави Опции Скопје (ХОПС) е посветен на подобрување на статусот на корисниците на дрога и сексуалните работници, како и на сите други маргинализирани групи во Северна Македонија.
За своите активности, ХОПС е добитник на Меѓународната награда за акција за ХИВ/СИДА и човекови права во 2010 година доделена од Канадската Правна Мрежа за ХИВ/СИДА и Човекови Права.
Силвана Наумова, Програмски Менаџер на Програмата за намалување на штети, ни кажа сè за работата, мисијата, визијата и придонесот на организацијата во заедницата.
Како е формирано вашето здружение? Што e сменето од почетокот до денес?
Силвана: ХОПС - Опции за здрав живот Скопје е здружение кое започна со работа во 1997 година како прв проект во тогашна Република Македонија за размена на опрема за инјектирање. Во 1995 година беше спроведено истражување „Хероинска епидемија во Македонија“ (Жан Пол Грунд и Душан Нолимал) и препораките од истражувањето беа итно отворање на програми за размена на опрема за инјектирање заради превенција на ХИВ. Програмата за размена на опрема за инјектирање е иницирана од луѓе кои инјектираат дроги (кон крајот на 1995) и од 1997г. продолжува како здружение ХОПС кое и официјално е регистрирано во 1999 година. Од тогаш ХОПС има развиено програми за: намалување на штетите од употреба на дрога, поддршка на сексуални работници/чки, превенција на ХИВ/СИДА и други сексуално и по крвен пат преносливи болести, превенција на туберкулоза, социјална реинтеграција и ресоцијализација на ранливи и маргинализирани заедници во С. Македонија.
Која беше вашата мотивација да работите во непрофитниот сектор?
Силвана: Мотивацијата да работам во непрофитниот сектор e поврзана со мојот идеал за работа која ќе има корист за целото општество и различните заедници во него, а притоа нема да придонесува кон уништување и нееднаква распределба на природните и јавните ресурси, што за жал е често неизбежниот ефект на акумулацијата на профит во високо-развиениот приватен сектор. Уште повеќе, мојата емпатија со луѓето кои се наоѓаат на маргините на општеството се рефлектира и се отелотворува преку работата во непрофитниот сектор, особено во организации како ХОПС чија главна целна група се луѓе кои се од маргинализирани заедници. Цврсто верувам дека правото на еднаков пристап до услуги и ресурси како што се здравствена заштита, економска безбедност и правото на информиран избор за сопственото тело и здравје, без притоа некому да му се ограничуваат овие права врз која било основа, се основни вредности и појдовна точка за секое демократско општество.
На кои активности сте најмногу фокусирани во овој момент?
Силвана: Во моментов ХОПС работи на спроведување на своите главни програми (1) сервиси - која опфаќа директна работа со корисници на услуги (кориснички/ци на дроги, сексуални работници и нивните семејства) на терен и/или во некој од центрите на ХОПС, (2) програма ЦЕДИ (Центар за едукација документирање и истражување) и (3) програма за застапување.
Преку првата програма чија главна цел е да овозможи зголемување на достапноста на здравствена заштита и да ги унапреди правата поврзани со здравјето на луѓето,, ХОПС нуди широко достапни и сеопфатни сервиси за овие маргинализирани групи и нивните семејства. Услугите кои ги нуди ХОПС се правна помош, психо-социјална и медицинска помош, поддршка за остварување на правото на социјална и здравствена заштита. Во своите центри ХОПС има психолог, медицински персонал, правници, педагог и социјални работници, луѓе од заедниците кои неуморно им помагаат на нашите клиенти.
Преку програмата ЦЕДИ, ХОПС работи и на истражувања кои ги следат светските и домашните трендови преку прибирање и анализа на податоци и документирања што ќе даваат ажурен преглед на состојбата и потребите кај целните групи/корисниците, како и преку изработка на документи, студии, извештаи и предлози за подобрување на постоечките и/или за воведување на нови политики од важност за корисниците. Исто така, оваа програма овозможува едукација на претставници на институции, студенти, новинари, други здруженија и персоналот на организацијата со цел зголемување на нивните знаења, но и јакнење на нивните вештини за работа со корисниците. Програмата се реализира преку три посебни програмски аспекти: едукација, документирање и истражување. Нашите тимови имаат солидна експертиза и непроценливо искуство со работата со групите на луѓе од маргинализирани заедници и оттука ги обучуваат сите заинтересирани и засегнати страни и придонесуваат во градење на нивните капацитети за тематските области во кои дејствува ХОПС. Истражувањата се едни од ретките во државата кои ги опфаќаат овие теми и се клучни за застапувачките напори на ХОПС.
со третата програма, ХОПС работи активно на застапување базирано на докази за промена на јавните политики и пракса за дроги, регулирање на сексуалната работа, третманот на корисниците, застапеноста на корисниците како креатори на политики и донесувачи на одлуки, финансиската поддршка која државата ја дава на програмите за лекување, намалување на штети, рехабилитација и ресоцијализација и генерално промена и покревање на свеста на населението во насока на спречување и заштита од дискриминација, спречување и заштита од насилство, пристап до правда и пристап до здравствена и социјална заштита на целните групи со кои работиме.
Како се финансира вашето здружение? Со кои типови донатори најмногу соработувате и како? Како може некој да ја поддржи вашата работа?
Силвана: Нашата организација има повеќе извори на финансирање и тоа преку членарина од своите членови, донации, средства од Буџетот на РСМ и на единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје и други извори во согласност со законот. Голем дел од средствата доаѓа од меѓународни организации - донатори кои работат во областа на заштита и унапредување на човековите права, познати организации на светско ниво како што се УНИЦЕФ, Европската Унија, Глобален Фонд за борба против ХИВ/СИДА, туберкулоза и маларија, UNODC (Огранок на ООН за дроги и криминал), Асоцијација за намалување на штети во Евро-азискиот регион (ЕХРА), Организацијата за безбедност и соработка (ОБСЕ), Фондацијата Отворено Општество (и на меѓународно ниво и домашниот огранок ФООМ) и странски владини претставништва во државата како амбасади, итн. Овие средства пред сè се донираат за проектни активности кои се спроведуваат за одреден временски период и по завршувањето, нивната одржливост е доведена во прашање, особено кога станува збор за одржување на сервисите и услугите кои ги нуди ХОПС. За жал има и голем дел на донатори кои не ги гледаат областите на кои работиме како приоритетни за нивните стратешки агенди. Најголемата поддршка може да ја добиеме од донаторите, и тоа на два начина кои заемно се потхрануваат - преку препознавање на важноста на работата на ХОПС и потребата од сервиси за намалување на штети од употреба на дроги и поддршка на сексуалните работници и спречување на (родово-базирано) насилство и преку соодветна финансиска подршка за ваквите активности која ќе биде одржлива на долг рок со цел да се увиди вистинскиот импакт на програмите на кои работиме врз напредокот на целото општество во С. Македонија.
Како вашата организација придонесува за развојот на филантропијата во Северна Македонија?
Силвана: Со самото тоа што ХОПС како организација ги користи своите средства добиени претежно преку донации за остварување на општествено корисна работа и сервиси кои им се потребни на едни од најмаргинализираните групи во општеството, придонесува кон развој на концептот на филантропија и решенија за едни од најголемите предизвици на денешницата. Од друга страна, генерално гледано, филантропијата во Северна Македонија не е поле кое е особено развиено, па и самите ние во организацијата забораваме дека всушност нашата работа е во голема мера филантропска ако се земе предвид фактот дека услугите кои ги добиваат граѓаните се бесплатни услуги кои може да се користат на долгорочно и се тука за да помогнат за целокупниот развој на општеството. Во други земји во светот една организација како ХОПС лесно би се категоризирала како филантропска организација, па оттука сметам дека нашиот придонес кон развојот на филантропијата во Македонија е од огромно значење, меѓутоа треба да се поработи на препознатливоста на таквата работа.
Дали соработувате со други непрофитни организации? Можете ли да ми кажете повеќе за тоа?
Силвана: Поради своето долгогодишно искуство и извршено влијание врз општествените текови и јавни политики, ХОПС е препознаена организација од многу други организации како на национално и локално, така и на регионално ниво. Соработката со вакви организации, вклучително и мрежи од организации, е постојана и успешна.
ХОПС е еден од основачите на Коалицијата за намалување на штетите од употреба на дрога за Југоисточна Европа и организатор на Првата Конференција за намалување на штетите за Југоисточна Европа која се одржа во Скопје на 10-ти декември 1999 година; Основач на Македонската мрежа за намалување на штети; Основач на Коалиција Маргини за сексуални и задравствени права на маргинализирани заедници и Коалицијата СЕГА -која е национална платформа за младинско организирање; Членка на Националниот координативен механизам (НКМ) уште од неговото основање во 2003; Од 2010 година организацијата е членка на Мрежата за спречување и заштита од дискриминација и е членка на Платформата за родова еднаквост и Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка на ХИВ.
Освен тоа, ХОПС активно соработува со други организации и партнерски во рамки на заедничко спроведување на проекти, како што се на пример Фондацијата отворено општество Македонија и Станица П.Е.Т. од Прилеп. Понатаму, соработува со други локални поголеми или помали организации (на пример здружението ИЗБОР од Струмица, Заедно Посилни од Скопје, СТАР СТАР, итн.) кои работат во областите кои ги покрива ХОПС и тоа во насока на заедничко застапување за позитивна трансформација на одредени јавни политики и национални стратегии.
Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате?
Силвана: Најголемите предизвици со кои се соочува организацијата во моментов е финансиската, a со тоа и оперативната одржливост на програмите за намалување на штети од употребата на дрога и за поддршка на сексуалните работници, вклучително и семејствата на овие целни групи. До 2017 година, овие програми беа поддржани од Глобалниот Фонд за борба против СИДА, туберколоза и маларија, по чие заминување, Владата на Република Северна Македонија се обврза да ги преземе буџетските импликации за одржување на сервисите кои работат на спречување на ХИВ. Уште од самиот почеток, предвидените 103 милиони денари (околу 1.674.361 евра) за ваквите сервиси не беа целосно испорачани на организациите кои нудат услуги од овој вид. Притоа, оваа сума не е арбитрарна, туку е експертска процена на високо стручни меѓународни организации со цел да може целосно да се покријат потребите за водење сервиси и нивна успешна имплементација која ќе има видливо влијание и позитивна промена за клиентите на кои им се потребни овие сервиси. Не само што ветените средства никогаш не беа доделени и организациите кои работат со сервиси во овие области, вклучително и ХОПС како најголема организација која работи во областа, требаше да се снаоѓаат со прераспределување на финансиски средства и човечки ресурси, оваа година доживеавме уште еден понизок удар. Имено, и малкуте средства кои беа доделувани за превенција на ХИВ од Владата на РСМ, односно надлежното Министерство за здравство, беа повторно скратени за дели 40% од претходно алоцираната сума. Ова кратење во практика значи исклучување на неколку илјади граѓани и нивните семејства од здравствениот и социјалниот систем, пораст на епидемијата на ХИВ, губење човечки животи, но и повеќекратно зголемени трошоци за лекување во следните 5 до 10 години.
Дополнително, се соочуваме и со генерално предизвикувчка финансиска одржливост и намалување на просторот за делување на граѓанскиот сектор, особено во областите во кои работиме (shrinking space for CSOs). Значителен дел и од проектните средства се намалуваат бидејќи како што посочив и погоре, целните групи со кои работиме, а се едни од најмаргинализираните групи во општеството, не се гледаат како приоритетни во услови на ваква светска економска и здравствена криза. Се чини дека во „нормални“ услови тие се оставени на маргините на општеството, но во кризни услови тие се целосно невидливи и занемарени.
Кој е вашиот најголем успех и што е следно?
Силвана: Северна Македонија никогаш не се соочила со епидемија на ХИВ/СИДА и има ниска преваленца на овој вирус/болест во најголема мера благодарение на програмите за намалување на штети и поддршка на корисниците на дроги, нивните семејства, децата кои употребуваат дрога и сексуалните работници кои се во интерес на јавното здравје. Ова го гледаме како нашиот најголем успех од долгогодишната работа на организацијата. Понатаму, преку нашите сервиси ги поврзавме, и ги поврзуваме, маргинализираните заедници до здравствените и социјалните програми на државата и пристап до правда и на тој начин тие ги остваруваат своите елементарни човекови права. Преку застапувањата на ХОПС се направени позитивни промени во законската регулатива во државата од аспект на гарантирање похумани и ефективни политики за дроги. ХОПС планира да продолжи со својата работа во оваа насока - преку обезбедувањето сервиси на најмаргинализираните заедници, но и преку нивно застапување во јавните политики кои во државата сè уште не го гарантираат еднаквиот пристап до јавните добра и ресурси и еднаквите можности за искористување на тие ресурси.
Leave a comment