Центар за младински активизам КРИК е граѓанска организација основана од млади луѓе, предводена од млади луѓе, која работи за и со млади луѓе, обидувајќи се да ги охрабри младите да бидат повеќе вклучени во процесот на креирање политики на локално и национално ниво .

Во интервјуто со Мила Карадафова, извршен директор на ЦМА Крик, ќе научите како работи организацијата за да се поттикне поголемо учество на младите и младински активизам.

Како е основано вашето здружение? Што се смени од почетокот до денес?

Мила: Цма Крик е основана од група на млади луѓе кои после учество на младинска размена во Ирска, решија да работат на активности на локално ниво со маргинализирани групи на млади. Групата работеше 3 месеци, на 2 локации со 2 различни целни групи и тоа специјалното школо за лица со оштетен говор и слух и дневниот центар во Шуто Оризари-Надеж. Додека траеа активностите, младите луѓе решија дека ова е нешто што сакаат да продолжат по структуирано да го работат и започнаа идеите за основање на организацијата. Организацијата е основана од 5 млади луѓе, тогаш на возраст околу 20 години на 11.11.2012 година.

Од почетокот до денес, целната група остана иста и сеуште фокусот е на млади лица со попреченост и без. Се смени опфатот на целната група, моментално се работи на поддршка на формалниот едукативен систем во специјалните училишта во Скопје и се спроведуваат програми во 7 специјални школи. Организацијата се развиваше преку развивање на капацитетите на вработените и спроведувањето на активностите кои ги исполнуваат целите. Моментално, постои извршна канцеларија од 8 вработени на полно работно време и функционален младински центар кој нуди активности за млади лица. Постојано даваме придонес кон развојот на младинската работа во Македонија преку учество во работата на Сојуз за младинска работа како и национални прашања за млади преку учество во работата на Националниот младински совет на Македонија.

Која беше вашата мотивација да работите во граѓанскиот сектор?

Мила: Мотивацијата доаѓаше од желбата на тогашните членови за работа и можности за учење. Групата на луѓе кои ја основаа Крик беше група која веќе беше корисник на образовни можности понудени од граѓанскиот сектор и веќе имаше искуство во полето. Почетоците на програмите во специјалното училиште дадоа можност да се разбере актуелната потреба од вклучување на целната група во активности за нивен личен и социјален развој и по завршувањето не сакавме да престанеме. Самите активности даваа навистина резултати во развојот на целната група и бевме се повеќе и повеќе мотивирани за работа.

Како кризата КОВИД-19 влијаеше на работата на организацијата? Колку се смени начинот на работење? На кои активности бевте сконцентрирани периодов?

Мила: Активностите кои ни беа планирани за спроведување со физичко присуство ги преместивме онлајн. Програмите во училиштата моментално се одвиваат онлајн, само во едно училиште се организираат со физичко присуство. Вработените во канцеларијата се вратија физички на работа на почетокот на 2021 година и продолжуваат со работа со полни капацитети. Активности кои ги одложивме одреден период беше и Европскиот солидарен корпус каде мораме да го преместиме започнувањето на волонтерските активности на волонтерите кои ќе волонтираат на долг рок за понатака. Сега сме во можност да примаме само волонтери на краток рок.

Моментално, дел од проектите кои ЦМА КРИК ги работи се КА2 од програмата Ерасмсус +. Самите проекти се дизајнирани да се спроведуваат и интелектуални аутпути, така да тој дел од работата е во можност да се одвива непречено. Во овие проекти ги поместивме онлајн средбите со партнерите за понатака, а дотогаш се среќаваме онлајн.

На кои активности сте најмногу фокусирани во овој момент?

Мила: Моментално, програмите во специјалните школи се одвиваат онлајн, така да тоа е еден дел од фокусот на активностите кои се одвиваат. Имаме 2 волонтери од Турција на краток рок кои спроведуваат активности заедно со младинските работници и помагаат за младинските програми. Фокусирани сме на истражувања и подготовка на документи и прирачници од проектите од Ерасмус + програмата кои се во тек. Исто така работиме на истражување на нови можности за аплицирање за нашите програми и работа кон одржлив развој. Моментален фокус исто така ни е следење на процесот на деинституционализација и поддршка на корисниците кои се преместуваат од институциите во мали групни домови.

Како се финансира вашата организација? Со кои типови на донатори соработувате најмногу и како? Како може некој да ја поддржи вашата работа?

Мила: Активностите на организацијата се финансираат преку грантови за кои Крик аплицира во текот на целата година. По подготовка на годишната програма, се разгледуваат можностите за финансирање кои се отворени за таков тип на активности и се работи на подготовка на апликациски форми за финансирање на планираните активности. Најмногу работиме со Ерасмус + програмата. Аплицираме и кај други донатори, но Ерасмус + е програма која е постојано отворена, има 3 постојани рока во годината и ги предвидува нашите активности, затоа е и програмата на која најмногу работиме.

Како вашата организација придонесува за развој на филантропијата во Македонија?

Мила: Сите активности кои Цма Крик ги спроведува се всушност поддршка кон развојот на филантропијата во Македонија. Активностите целат да се помогне на оние на кои им е  неопходна помош и тоа успешно го правиме веќе 9 години.

Дали соработувате со други граѓански организации? Можете ли да ми кажете повеќе за тоа?

Мила: Да.

Дел сме од национални мрежи како Сојуз за младинска работа, Национален младински совет на Македонија, Y PEER мрежата и Мрежата за спречување одлив на мозоци. На национално ниво исто така соработуваме и со граѓански организации кои спроведуваат активности на локално ниво. Моментално работиме заедно со Го грин на програмата за енергетска ефикасност и развој на паметни градови. Исто така заедно со Здружение на социјални работници на Македонија работиме на следење на процесите кои се случуваат на национално ниво поврзани со Законот за социјална заштита.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате?

Мила: Еден од најголемите предизвици секако е финансиската одржливост за активностите на организацијата. Успешно го спроведуваме до сега, но тоа е процес што бара многу работа и фокус а од друга страна нема долготрајно решение или одржливост.

Што сметате дека е вашиот најголем успех и што е следно?

Мила: Најголемите успеси ни се активно спроведување на програмите во специјалните школи веќе 9 години, отварањето на младинскиот центар Крикни заедно со нашата канцеларија во Пржино како и работата на национални политики како дел од мрежите каде членуваме.