ТАКТ (Together Advancing Common Trust) е граѓанска организација за соединување на културите, борба против социјалните и родовите нееднаквости преку спортски и културни активности.
Нивната мисија е да изградат подобро разбирање меѓу заедниците и да поттикнат заемно прифаќање преку сеопфатни пристапи засновани на инклузивни современи и универзални принципи.
TAКT промовира спорт, култура и родова еднаквост со цел да развие позитивни вредности, да го олесни целокупниот развој на младите и да ги оспособи сите генерации да го подобруваат квалитетот на животот
Во интервјуто со Магдалена Спасовска - извршен директор на организацијата, научете сè за активностите, мисијата и достигнувањата на TAКT.
Како е основано вашето здружение/фондација/организација? Што се смени од почетокот до денес?
Магдалена: Здружението е основано во 2014 година со цел да го подобри квалитетот на животот на младите преку развој на нивни вештини, а особено мисијата на ТАКТ е во подобрување на можностите на девојките и жените во оваа земја преку поддршка во процесите на нивниот раст и развој.
Која беше вашата мотивација да работите во граѓанскиот сектор?
Мотивацијата да се создаде ТАКТ дојде од претседателката Магдалена Спасовска која има долгогодишно искуство во работа со невладиниот сектор и добро ја познава моќта на активизмот директно да влијае врз подобрувањето на квалитетот на животот во земјата. Понатаму, да се работи и помага на млади девојки, жени и младите лица воопшто беше дополнителен поттик и нешто што ретко се гледаше во нашата земја.
Како кризата КОВИД-19 влијаеше на работата на организацијата? Колку се смени начинот на работење? На кои активности бевте сконцентрирани периодов?
Магдалена: Ковид-19 како и за сите така и за нас беше голем предизвик со кој се соочивме. По прогласувањето на пандемијата од страна на Светска Здравсвена Организација голем број на активности, обуки и настани ни беа одложени и секако одреден период го укинавме одењето во канцеларија и работењето заедно со тимот. Позитивното во овие моменти беше што доста брзо се прилагодивме на новиот начин на работа, односно организирање на виртуелни состанови, виртуелна координација помеѓу нас и секако креиравме нови активности кои не зависеа од наше физичко присуство. На почетокот па и денес голем број од активностите се имплементираат онлајн или пак доколку е дозволено со физичко присуство тоа е секако во надворешни услови и со следење на сите протоколи. Овој приод повеќе го искористивме за организациски развој, креирање на годишни активности, креирање на нови проекти/апликации, прилагодување на нови системи за работа и секако на некои тековни активности кои и покрај оваа криза можат да се имплементираат.
На кои активности сте најмногу фокусирани во овој момент?
Магдалена: Последниов период поголем фокус како организација поставуваме кон проектни апликации, односно аплицирање на проекти и овозможување на грантирање и финансиска поддршка за организацијата.
Креиравме три нови програми:
1. Развој на вештини кај млади - програма за Спорт за Развој
2. Вклучување на лица со попреченост во здрав и активен начин на живот
3. Жени лидери во Спорт на кои активно работиме.
Покрај ова, исто така и ја прошируваме нашата мрежа на соработници периодов и креираме голем број на локални групи на тренери за спорт за развој во повеќе општини.
Како се финансира вашата организација? Со кои типови на донатори соработувате најмногу и како? Како може некој да ја поддржи вашата работа?
Магдалена: Најголем број од нашите финансии се преку грантови и истите се од странски или наши донори и амбасади. Моментално соработуваме со Амбасадата на Обединетите нации, Општина Карпош и Германското Друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) преку проекти и проектни апликации. Секој оној кој сака да ја поддржи нашата работа или нашите програми може слободно да не контактира или да ни пристапи. Она што ни недостасува е соработка со приватниот сектор чија што поддршка може да биде клучна во развојот на организацијата.
Како вашата организација придонесува за развој на филантропијата во Македонија?
Магдалена: Нашата организација става голем акцент на грас рут иницијативите. ТАКТ е во директен контакт со сите млади луѓе од маргиналзирани средини, од руралните средини и жените кои имаат потреба од поддршка во процесот на развој и вработување. Она на што ние директно придонесуваме е кревање на свеста за потребите на младите луѓе во оваа земја, потребите на дечињата во домовите како и на децата од руралнит средини. Нашата организација во секоја можна прилика донира опреми и поддшка кон учлиштата, опрема за децата за поелсно да ги вклучи во спортски активности. Исто така ние имаме директен пристап до сите спортски здруженија, федерации и грас рут иницијативи и ставаме акцент на поттик на солидарност, емпатија и соработка.
Дали соработувате со други граѓански организации? Можете ли да ми кажете повеќе за тоа?
Магдалена: ТАКТ соработува со многу граѓански органзиации, вклучена е во повеќе платформи на пример: Родова платформа, Платформа за сиромаштија итн. Нашата соработка со сите младински организации е солидна и активно сме вклучени во значајни одбори и состаноци кога станува збор за утврдување на потребите на младите во земјата.
Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате?
Магдалена: Како организација активно работиме на подигање на свеста кај луѓето и едукација на истите за одредени важни теми кои придонесуваат до големи позитивни промени во општеството и заедницата. Едни од тие теми се социјална инклузија, родова еднаквост и градење на мир преку спортот. Самите предизвици можеме да кажеме дека се најчесто во стереотипите и во самите традиционални сфаќања и разбирања кои луѓето си ги носат со себе, а истите се поврзани со спортот и со нашите целни групи на работа. Како големи борци за женските права и поголема вклученост на жените во спортот се среќаваме со предизвици од типот на спортот е машки свет. Исто така, при обиди да креираме локални иницијативи за вклучување на лицата со попреченост во здрав и активен начин на живот се соочуваме со потреба од едукација на луѓето за тоа зошто овие лица се важни и потребни на една општина/заедница. Поради сете ова се трудиме да одиме чекор по чекор, да истражуваме и да идентификуваме кои се првите чекори кои треба да ги превземеме, дали се тоа едукативни кампањи, панел дискусии или пак само формални и неформални состаноци со цел да се достигне големата цел.
Што сметате дека е вашиот најголем успех и што е следно?
Магдалена: Дефиницијата за успех е различна насекаде. За нас во ТАКТ успехот значи многу насмеани лица, млади кои ќе се стекнат со сила и знаење да дејствуваат за своја подобра иднина. А за нас како тим е да дејствуваме обединето и да ја промовираме солидарноста како клучна вредност врз која треба да се заснова модерното живеење.
Leave a comment