Фондација „Catalyst Balkans“ Србија и Здружение „ХОРУС“ Скопје веќе пет години партнерски работат на собирање на податоци за филантропијата во Република Северна Македонија. Во периодот од 1-ви јануари до 31-ви декември 2018-та година се забележани 581 случај на донирање во Северна Македонија со вкупна вредност на донациите од 2.001.676 евра.
Скопскиот регион традиционално покажува најголем број на евидентирани донации - оваа година забележа 42,7% од сите внесени случаи, додека другите региони следат со мали флуктуации. Што се однесува до самиот главен град, Скопје доби 43,2% од сите донации, што го става Скопје како град со највисок ранг.
И покрај растечкиот тренд забележан во изминатите две години, во 2018-та година, транспарентноста на вредноста на донациите беше достапна во само 17% од случаите, што претставува намалување во однос на минатата година.
Донатори
Во однос на донаторската активност, резултатите од оваа година се слични на 2017-та година во рангирањето на донаторите. Соодносот на граѓани кои масовно донираат преку СМС пораки или организација на настани за собирање средства (46,1%), компании (40,4%) и индивидуалци (7,4%) бележи само мали измени.
Процентот на корпоративни и индивидуални случаи на донации бележи пораст, додека процентот на учество на граѓаните е намален. Ако ги погледнеме донираните вредности, забележани се значителни промени во зголемувањето на нивото на корпоративна поддршка на 67,5%.
Во однос на масовното донирање од граѓани треба да се спомене дека „Еуролинк Осигурување“ организираше настан за прибирање финансиски средства за да му помогне на „Институтот за белодробни заболувања Козле“ во Скопје - со прибирање финансиски средства во една ноќ, каде беа собрани 10.000 евра благодарение на граѓаните. Притоа компанијата донираше двојно поголема сума од веќе собраната сума, со вкупна донација од 30.000 евра.
Покрај примерот на иницијативата од „Еуролинк“, друг пример доаѓа од компанијата „Алкалоид“ која организираше хуманитарен пикник за прибирање финансиски средства за Здружението за ретки болести „Живот со предизвици“. Благодарение на придонесот на вработените и гостите на излетот беа собрани повеќе од 17.000 евра за да се поддржи оваа организација во своето работење.
Клучни теми
Најактуелна тема за донирање беше здравствената заштита со 23,2% од сите внесени донации, а зад нив следуваше поддршка за маргинализираните групи (самохрани родители, луѓе со попречености, луѓе со ментални здравствени проблеми, малцинства, ЛГБТ лица), намалување на сиромаштијата и образованието. Рангирањето е малку поразлично од 2017-та година, со тоа што здравствената заштита (којашто забележа зголемување на процентот) е на првото место, заменувајќи ја поддршката на маргинализираните групи со значително намален процент, додека намалувањето на сиромаштијата и образованието останаа на исто ниво.
Оваа година е обележана со зголемување на долгорочната стратешка помош: процентот на случаи на долгорочна поддршка е на највисоко ниво – 39,8%; но и еднократната поддршка забележа зголемување. Најголем процент од донациите за еднократна поддршка се однесува на донации во потрошен материјал, додека во долгорочни спаѓаат капиталните инвестиции, опремата, стипендиите, истражувањето и развојот/подигањето на свеста.
Еден од примерите кои се истакнуваат со сите карактеристики на стратешка инвестиција, а во исто време е иновативен и интересен е донацијата за Основното Училиште Кирил Пејчиновиќ во Општина Кисела Вода во Скопје. Ова училиште доби нова енергетска ефикасна фасада во 2018-та година. Со новата фасада, не само што ќе се подобри изгледот на училиштето, туку се очекува процентот на заштеда на енергија да достигне околу 30% од тековните трошоци. Оваа донација е обезбедена од Цементарница УСЈЕ АД Скопје и е проценета на скоро 82.000 евра.
Четриесет студенти од Фармацевтскиот и Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ добија стипендии од Фондацијата „Трајче Мукаетов“, која веќе 11-та година по ред ги степендира студентите од овие два факултети. Стипендирани беа 12 студенти од Фармцевтскиот и 28 студенти од Медицинскиот факултет. Стипендијата изнесува 6.500 денари во текот на 12 месеци, а доколку ги исполнат предвидените услови, на стипендистите им продолжуваат стипендиите и во текот на наредната учебна година. Освен тоа петмина студенти кои се првенци на генерациите од двата факултети добија и еднократна парична помош од Фондацијата во висина од 1.200 евра.
Приматели
Во однос на примателите на донации, присутно беше намалување на процентот на донации за најчестите приматели: лица и семејства (31,2%) и граѓански организации (29,3%). Силно зголемување на фреквенцијата на поддршка е забележано во процентот на донации кон државата (институции со 25,1% а локални и национални самоуправи се карактеризираат со 12,9%) и здравствената заштита, бидејќи особено е зголемен бројот на донации насочени кон здравствените установи.
Непрофитабилните организации (граѓанските организации и приватните фондации) како приматели беа рангирани на второ место со 29,3% на донации и тоа претставува намалување во споредба со 2017-та година. Трендот на донаторска поддршка на непрофитабилните организации продолжува со тоа што граѓаните се најактивни донатори во поголем број случаи (70%), додека корпоративниот сектор остана на втората позиција со огромен пад на процентот на донации од нивна страна. Темата што е од најголемо значење за непрофитабилните организации продолжува да биде поддршка на маргинализираните групи, иако намалувањето на сиромаштијата бележи доста голем пораст во 2018-та година.
Корисници
Следејќи ги трендовите од минатата година притоа опфаќајќи ги мнозинството од сите внесени донации, четири најчесто поддржани групи на корисници ја задржуваат доминантната позиција, иако со малку изменет редослед оваа година. Минатата година беше забележан пад (20,7%) кај прворангираната категорија во 2017 – лица со економски проблеми, со што се отвори простор за значителен пораст на поддршката на населението од локалните заедници, што сега е прво рангирана со 34,1% од регистрираните донации. Опсегот на други групи на корисници е сè уште присутен со мали промени во процентите: лица со здравствени проблеми и лицата со посебни потреби биле поддржани со 17% и 10,8% од случаите на донации, соодветно.
Поддршка од дијаспората
И покрај тоа што учеството на дијаспората беше намалено годинава, вреди да се споменат неколку примери. Еден анонимен донатор, донираше значителни лични средства за едно семејство во Кичево. Бидејќи донаторот е поранешен жител на Кичево, а сега живее во САД, одвои повеќе од 10.000 евра за изградба на куќа што ќе му помогне на деветчленото семејство да живее во подобри услови. Семејството Карајанов (Холандија) ја насочи својата помош за семејство од Велес, донирајќи три нови возила и електричен лифт за браќата Димитријевски кои страдаат од церебрална парализа. Латиф Ками, државјанин на САД, донираше специјално возило на Јавното комунално претпријатие во Дебар, кое има за цел да и помогне на оваа општинска компанија во собирањето отпад.
Индивидуален придонес
Кога станува збор за индивидуални донации, Борче Стаменов од Кавадарци е човек кој веќе неколку години работи на својата иницијатива #ДонирајКомпјутер каде што секоја година се поголем број на луѓе и компании се вклучуваат со цел да му помогнат да ја оствари својата мисија. Своето слободно време го посветува на поправка на компјутери кои се донирани од граѓани или компании кои веќе не ги користат, а кои се во исправна состојба. На овие компјутери најчесто им е потребно ново софтверско решение, со што потоа се донираат за млади луѓе и семејства на кои што им се потребни, меѓутоа кои не можат да си ги дозволат поради својата лоша материјална состојба.
Заклучок
Овие податоци се добиени од базата на податоци Giving Balkans, која што претставува најверодостоен извор на податоци за донациите во регионот. Секој што ќе се регистрира, има пристап до информации за тоа кој начесто донира во нашата земја, кој е најчестиот корисник на донации во истата, кои се темите за кои што најчесто се донира, кои се крајните корисници и слично.
Истражете ја филантропијата со нас. Регистрирајте се бесплатно.
Leave a comment